Корисничко име Лозинка Пријави се
17.3.2016

Ван Хал: Победа за навивачите

Холандскиот стручњак најавува офанзива против Ливерпул во реванш натпреварот во Лигата на Европа.

Тимот на Ван Хал разочара во првиот натпревар, кога на „Енфилд роуд“ беше поразен од најголемиот ривал со резултат од 2-0. Тој призна дека Јунајтед мора да биде многу подобар во другиот натпревар на домашен терен во следната фаза од натпреварувањето.
„Должни сме им на навивачите голем резултат и победа. Навивачите се тие кои плаќаат за да нè гледаат на теренот и мораме да им се оддолжиме со голема борба. Во спорtот можете да победите, но можете и да загубите. Многу е тешко, но морате да го прифатите тоа кога ќе се случи“, изјави искусниот стручњак.
„Мораме да размислуваме само за победа над Ливерпул. Не е битно со кој резултат, 2-0 или 3-0, затоа што можеме и преку продолженија да дојдеме до триумфот. Веќе еднаш постигнавме три гола за четири минути оваа сезона, така што веруваме во своите можности“, додаде тој.
Шпанецот  Андер Ерера се согласи со својот менаџер и истакна дека Јунајтед има шанси да помине во следната рунда од натпреварувањето, како и дека играчите имаат дополнителна мотивација, поради константната поддршка од навивачите.
„Откога сум во клубот, игравме пет натпревари против Ливерпул и ги добивме четири пати. Знаеме како да играме против нив, ги победивме веќе два пати на наш терен. Кога играме на ’Олд Трафорд’ се чувствуваме посилни бидејќи ги имаме најдобрите навивачи во Англија“, изјави шпанскиот репрезентативец.
„Нашите навивачи се фантастични. Нè поддржуваат без разлика дали играме добро или лошо. Мораме да бидеме на највисоко ниво против нашите најголеми ривали. Мислам дека на играчите на Ливерпул не им е баш најпријатно кога играат на ’Олд Трафорд’, и сакаме тоа да го искористиме“, истакна Ерера.
Натпреварот меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул се игра денес во 21:05.

Најнови вести