23.3.2016 Откажан е пријателскиот натпревар Белгија - Португалија
Фудбалскиот сојуз на Белгија соопшти денес дека пријателскиот натпревар со Португалија е откажан поради терористичките напади во Брисел.
Во соопштението се наведува дека Фудбалскиот сојуз го прифатил барањето на градските власти од Брисел од безбедносни причини да се откаже натпреварот, кој требаше да се одигра следниот вторник на стадионот „Крал Бодуен“.
Белгискиот национален тим, кој во моментов е водечки на ранг листата на ФИФА и е еден од фаворитите на претстојното Европско првенство во Франција, по вчерашните терористички напади го откажа тренингот.
Неколку европски медиуми јавија дека е можно натпреварот сепак да се одигра, но во Лисабон.