Корисничко име Лозинка Пријави се
06.4.2016

Волфсбург по сензација против „кралевите“

„Кралскиот клуб“ е шести пат по ред во четврт-финалето во Лигата на шампионите, а Волфсбург е прв пат меѓу осумте најдобри.

Волфсбург влегува во натпреварот по поразот од Баер Леверкузен од 3-0 и во последните три натпревари нема победа во првенството, па падна на осмото место на табелата.
Фудбалерот на Волфсбург  Марсел Шефер оцени дека неговиот тим има шанси за изненадување.
„Минатата сезона се ‘убивме’ од работа за да се пласираме во Лигата на шампионите. Ја испишавме клупската историја со пласманот во четврт-финалето и сега ќе играме против еден од најдобрите светски тимови. Кога ќе помислиме дека пред 20 или 25 години го гледавме Реал на телевизија, а сега имаме можност да играме против нив, тоа е фантастичен предизвик. Знаеме дека имаме мали шанси, но на теренот излегуваме да оствариме успех и тоа го сакаме против Реал. Немаме што да загубиме“, изјави Шефер.
Во тимот на Волфсбург нема да биде Себастијан Јунг поради повреда на коленото, а неизвесен е настапот и на Даниел Калиџури и Бас Дост. 
Германскиот тим може да го храбри и податокот дека само еднаш има загубено во последните седум натпревари на домашен терен во Лигата на шампионите и тоа во 2009 година против Манчестер јунјатед со 3-1.
Реал во натпреварот влегува со многу самодоверба, по победата над големиот ривал Барселона на „Ел Класико“ од 2-1, со голот на Кристијано Роналдо. Роналдо до сега против германските тимови има постигнато 14 голови во Лигата на шампионите.
Фудбалерот на Реал Мадрид Касемиро изјави дека неговата екипа не смее да го потцени Волфсбург во претстојниот натпревар.
„Сите тимови во четврт-финалето се квалитетни, во оваа фаза нема лесни противници. Не смееме да го потцениме Волфсбург, тие имаат неколку одлични играчи, мораме да го почитуваме противникот додека ја играме својата игра, нашиот среќен фудбал“, изјави Касемиро.
Во тимот на Реал нема да биде Рафаел Варан поради повредата на листот.

Најнови вести