03.5.2016 Покетино: Нè очекува блескава иднина
Менаџерот на Тотенхем Маурисио Покетино е разочаран што неговиот тим ја загуби трката со Лестер за титулата.
Тотенхем со два реми натпревари во претходните две кола останаа без шанса во последните две кола да ја води борбата за трофејот во Премиер лигата.
Тотенхем водеше 2-0 во 36-тото коло против Челзи, но освои само бод на „Стемфорд бриџ“, па мора да се задоволи со второто место и директниот пласман во Лигата на шампионите.
„Му честитам на Лестер, на играчите, на навивачите, на Клаудио Раниери. Ние сме разочарани бидејќи се боревме да останеме во трката. Водевме 2-0 на полувремето, имавме контра и шанса да поведеме со 3-0, но и вакви работи се случуваат. Кога го примивме првиот гол сè беше возможно. Разочаран сум, но и горд на играчите“, изјави Покетино.
На „Стемфорд бриџ“ атмосферата беше загреана уште од првата минута, играчите многу често влегуваа во клинч, иако бодовите на Челзи не му беа потребни.
„Одличен натпревар, ние се боревме за титулата, а Челзи за себе. Горд сум што ни покажаа толкаво почитување. Ова е фудбалот, ние сме момчиња, сакаме д покажеме сила. Сакаме на ист начин да ја завршиме сезоната“, изјави Аргентинецот.
Тотенхем не само што не беше во групата на фаворитите во борбата за титулата, не беше фаворит ниту за пласман во Лигата на шампионите пред почетокот на сезоната.
„Бевме најмлади во лигата, имаме зад себе одлична лекција. Навивачите можат да бидат горди, имаме огромен потенцијал за иднината. Разочарани сме што не ја освоивме титулата, но мораме да бидеме реални. Следната сезона ќе бидеме посилни, ќе се обидеме да се бориме за трофејот“, заклучи Покетино.