03.5.2016 Мангала: Го сакаме трофејот во Лигата на шампионите
Дефанзивниот играч на Манчестер сити Елијаким Мангала изјави дека е горд на резултатите оваа сезона во Лигата на шампионите, но дека нивната цела е да го освојат трофејот.
„Граѓаните“ утре ќе го одиграат реванш натпреварот во Лигата на шампионите во 20:45 часот во Мадрид против Реал, а минатиот вторник во Англија одиграа 0-0 во првиот натпревар од полуфиналето.
„Мислам дека 0-0 е добар резултат. Добро се браневме и не примивме гол на домашен терен, што е многу важно. Нашата цел е да ја освоиме Лигата на шампионите. Напредуваме и сакаме да продолжиме добро да играме. Не сакам да застанеме во полуфиналето и тогаш да мислиме дека сме добри, ние можеме повеќе. Сакаме во финалето и сега сме близу до целта“, изјави Мангала за интернет страницата на клубот.
Сити во натпреварот влегува по поразот во првенството од Саутхемптон (4-2) и две кола пред крајот го зазема четвртото место на табелата која води во квалификациите во Лигата на шампионите.
„Горд сум на досегашните резултати. За секој играч е посебна работа кога игра во полуфиналето во Лигата на шампионите, како и можноста за играње во финалето, а можеби дури и освојувањето на Лигата на шампионите. Знаеме дека ќе биде тешко против Реал Мадрид и знам дека тие играат одлично на домашен терен, но и ние бевме добри во претходните натпревари во Лигата на шампионите, особено во Севилја и против ПСЖ“, изјави Мангала.
„Секој натпревар е приказна за себе, но мораме да се концентрираме и да оствариме добар резултат кога веќе имаме можност“, додаде Мангала.