Корисничко име Лозинка Пријави се
04.5.2016

Роналдо целосно подготвен за „граѓаните“

Денес ќе го дознаеме името на вториот финалист во Лигата на шампионите, а големото финале ќе се одигра на 28-ми мај во Милан на „Џузепе Меаца“.

Реал Мадрид денес на домашен терен ќе го пречека Манчестер сити на „Сантијаго Бернабеу“, а двата тима стартуваат од нула бидејќи дуелот од минатата седмица на „Етихад“ заврши без погодок. 
„Кралскиот клуб“ е десеткратен првак на Стариот континент, а по рекорден 27-ми пат се наоѓа меѓу четирите тимови во Европа, а во досегашните учества во полуфиналето имаат половичен успех.
Од друга страна пак „граѓаните“ играа историска сезона во елитното натпреварување бидејќи по прв пат се најдоа во четврт-финалето, а сега и во полуфиналето.
Зинедин Зидан, тренерот на домаќините, нема да може да смета на Карим Бензема и Каземиро, но веста која израдува беше веста дека Кристијано Роналдо е во целост подготвен.
„Кристијано е добро, 100% е подготвен. Нема никаков ризик, најнормално тренира, а напредокот беше видлив во текот на седмицата. Тој е играч кој води сметка за себе и брзо закрепнува. Што се однесува до натпреварот би било катастрофа доколку не поминеме понатаму, иако оваа средба ќе биде далеку потешка од првата. Тие имаат одлични играчи, особено напред, но ние како и секогаш ќе го играме нашиот фудбал. Не можеме да размислуваме на начин да постигнеме два или три гола во првите 15 минути, но знам дека ќе се измачиме од самиот почеток до крајот. Сè на сè, мораме да бидеме трпеливи и мирни“, смета Зидан.
Во тимот на Манчестер сити сигурно нема да биде Давид Силва и Пабло Забалета, додека настапот на Јаја Туре е под голем знак прашалник, иако допатува со тимот во Мадрид.
„Нашата цел е да се пласираме таму каде што никогаш порано не сме биле, во финалето. Веруваме во своите можности и очекуваме тоа и да го потврдиме. Секогаш е убаво кога ќе се вратам на ’Сантијаго Бернабеу’, тука ме врзуваат убави сеќавања. Притисокот е голем, но ние имаме карактер и тим кој може да слави во Мадрид. Исто така имаме можност да ја испишеме новата историја на клубот, а за да дојдеме до тоа мораме да одиграме многу добро. Ќе се обидеме да ја имаме топката околу нозете и да нападнеме уште од првата минута. Големите натпревари се одлучуваат од најдобрите, но ние мораме да играме против сите, и во одбраната и во нападот, а не само против Роналдо“, изјави Пелегрини, поранешниот тренер на Реал, а сега на Сити.
Потенцијалните состави:
Реал Мадрид: Навас - Карвајал, Рамос, Пепе, Марсело - Модриќ, Крос, Иско- Бејл, Хесе, Роналдо
Манчестер сити: Харт - Сања, Отаменди, Компани, Клиши - Фернандо, Фернандињо - Навас, Туре, Де Бројне- Агуеро

 

Најнови вести