05.5.2016 Роналдо: За сите кои се сомневаа
Кристијано Роналдо смета дека во финалето на Лигата на шампионите со градскиот ривал Атлетико ќе биде тешко, но посебно.
Реал до второто финале со Атлетико во последните три години стигна по минимална победа во двојниот натпревар со Манчестер сити.
„Беше тесно, но игравме подобро од Сити, направивме повеќе шанси, бевме интензивни на теренот. Очекувавме притисок од Сити по нашиот гол, но ја контролиравме играта, 1-0 е мало водство, но среќни сме што сме во финалето“, изјави Роналдо.
На вчерашниот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ Реал поведе со голот на Герет Бејл во 20-тата минута, а во продолжението имаше шанси за уште голови, но за резултатот стравуваше до последниот судиски свиреж.
„Имавме шанси за гол преку Модриќ и преку мене, ова беше тип на натпревар каде што можевме да ’убиеме’. Не успеавме, беше неизвесно, но важно е дека сме во финалето. Таму ќе биде тешко, како и во секое финале, шансите се 50-50, но среќни сме што ќе играме, тоа ќе биде посебен натпревар“, истакна Роналдо.
Португалецот се врати на теренот по двонеделната пауза поради повреда.
„Луѓето се сомневаа во мене, не знам зошто. Знаат дека брзо закрепнувам, а јас сум задоволен со својата игра“, изјави Роналдо.
Финалето од Лигата на шампионите меѓу Реал и Атлетико е на програмата за 28-ми мај на стадионот „Сан Сиро“ во Милан.