Корисничко име Лозинка Пријави се
18.5.2016

Германија со само еден центарфор на ЕП

Селекторот на Германија Јоаким Лев го објави проширениот список од 27 играчи кој ќе конкурираат за Европското првенство во Франција следниот месец.

Актуелните прваци во светот за првата титула првак на Европа од 1996 година ќе се борат само со еден центарфор.
Лев има потполна доверба во ветеранот Марио Гомес кој оваа сезона е прв стрелец во турскиот шампионат со 26 голови за Бешикташ. Поранешниот напаѓач на Штутгарт, Баерн и Фиорентина постигна пет голови на последните шест натпревари.
Сепак, тој нема да биде осамен во нападот бидејќи константна поддршка ќе му бидат двајца полушпицеви, а опциите се Томас Милер, Јулијан Дракслер, Лерој Сане и Лукас Подолски. 
Германските медиуми се помалку изненадени и од повикот на играчот за врска на Манчестер јунајтед, Бастијан Швајнштајгер, кој ги повреди лигаментите на коленото на тренингот на репрезентацијата на 22-ри март и од тогаш нема играно.
Лев до 31-ви мај ќе мора да го скрати списокот на конечните 23 имиња кој ќе ги води во Франција.
На ЕВРО 2016 кој е на програмата од 10-ти јуни до 10-ти јули, Германија ќе игра во Групата Ц со Украина на 12-ти јуни, со Полска на 16-ти јуни и со Северна Ирска на 21- ви јуни.
„Елф“ до почетокот на ЕП ќе одигра два тест натпревари, со Словачка на 29-ти мај во Аугсбург и на 4-ти јуни со Унгарија во Гелзенкирхен.

Најнови вести