Корисничко име Лозинка Пријави се
23.5.2016

Гвардиола:Најмногу ќе ми недостигаат играчите

Сега веќе поранешниот менаџер на Баерн Пеп Гвардиола призна дека најмногу ќе му недостигаат неговите играчи.

Баварците во саботата го освоија купот на Германија со победата над Борусија Дортмунд во Берлин по пенали, а тоа воедно беше и меч на кој Пеп Гвардиола се прости од својот тим и од следната сезона ќе го предводи тимот на Манчестер сити.
Тој во тимот од Минхен освои седум трофеи, но истакна дека титулите не му значат толку колку што му значи односот кој го изгради со играчите во текот на престојот во редовите на шампионот на Германија.
„Титулите се само бројки. Кога зборуваме за тоа, навистина беше добро во Баерн. Големо искуство е да се работи во овој клуб, но пред сè поради играчите. Ќе ми недостигаат. Работев секојдневно со нив, поминувавме 24 часа заедно. Секогаш размислував околу тоа како да станат подобри“, изјави Гвардиола.
По освојувањето на Купот, Гвардиола, не можеше да ги сокрие солзите и емоциите, а навивачите му се заблагодарија за сè што постигна.
„Знам дека овој трофеј ги прави среќни навивачите на Баерн, но од утре, задутре, сè ќе се врати во нормала и овој тим мора да продолжи да победува. На Баерн му посакувам сè најдобро понатаму, среќен сум бидејќи завршувам на овој начин. Не знам дали еден ден ќе се вратам во Германија да работам“, заклучи Гвардиола.

Најнови вести