Корисничко име Лозинка Пријави се
25.5.2016

Михајловиќ го презема Торино

Српскиот стручњак Синиша Михајловиќ е именуван за тренер на Торино, соопшти италијанскиот клуб.

Михајловиќ на клупата на „биковите“ ќе го замени Џампјеро Вентура, кој по Европското првенство веројатно ќе ја преземе репрезентацијата на Италија.
Торино е шестиот клуб на Михајловиќ кој ќе го води во Серија А, по Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија и Милан, додека тренерската кариера ја почна како асистент на Роберто Манчини во Интер.
„Голема чест е да се работи во клуб со таква славна и престижна историја каква што има Торино. Ова е единствено место со одлична публика која ширум Италија е позната по својата страст и поврзаност со тимот. Во тоа се препознавам и себе“, изјави Михајловиќ.
Во Болоња доби отказ по шест месеци бидејќи клубот се наоѓаше во зоната за испаѓање, а Катанија ја напушти сам исто така по половина година откако ја избегна елиминацијата со 13-тото место.
Конечно нешто подолго издржа на клупата на Фиорентина, каде исто така доби отказ откако сезоната 2011/12 ја започна со сè на сè 12 бодови од десет натпревари.
Беше селектор на Србија со која не успеа да се избори за пласман на Светското првенство, а потоа ја презема Сампдорија каде го забележа својот најголем успех. Прво го спаси клубот од елиминација, а потоа го доведе на чекор до пласманот во Европа.
Летоска седна на клупата на Милан, но и покрај вложувањата од речиси 100 милиони евра во засилувања не успеа да ја оствари главната цел, пласманот во Лигата на шампионите, па на 12-ти април беше отпуштен и покрај пласманот во финалето од Купот.
Торино оваа сезона заврши на 12-тата позиција со речиси 12 победи, 9 реми резултати и 17 порази. „Биковите“ седум пати беа шампиони на Италија, но последен пат во 1976 година, а трофејот и освојувањето на Купот го чекаат од 1993 година.

 

Најнови вести