Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2016

Ракитиќ: Се надевам дека УЕФА нема да не испрати дома

Репрезентативецот на Хрватска Иван Ракитиќ изрази надеж дека националната селекција нема да биде исфрлена од Европското првенство поради дивеењето на навивачите.

Репрезентацијата на Хрватска ремизираше со Чешка во второто коло од Групата Д (2-2), иако до 76-тата минута имаше два гола предност.
Сепак, дуелот на стадионот „Жофру Гишар“ ќе остане запаметен по дивеењето на навивачите на Хрватска во 85-тата минута, кога фрлија неколку факели на теренот, но го повредија и редарот со топовски удар.
„Судијата размислуваше да го прекине натпреварот, но тогаш би имало уште поголеми проблеми, вака барем го завршивме натпреварот. Тажно е да се каже, но повеќе мир имаме кога играме пријателски натпревари или на гости. Не знам што паметно да кажам“, изјави Ракитиќ.
Европската фудбалска унија почна дисциплинска постапка, а во Фудбалскиот сојуз на Хрватска се плашат дури и од исфрлање од шампионатот.
„Што сега? Треба да видиме дали воопшто ќе играме против Шпанија, можеби ќе нè вратат дома. Повеќе луѓе се за репрезентацијата отколку против, па се надевам дека УЕФА тоа ќе го земе во обѕир и нема да нè исфрли од ЕП“, додаде играчот за врска на Барселона.
Од друга страна, селекторот на Хрватска, Анте Чачиќ, го осуди дивеењето на навивачите- истакнувајќи дека „тие не се навивачи, туку терористи“.

Најнови вести