Корисничко име Лозинка Пријави се
19.6.2016

Меси предводник на Аргентина, Чиле со седумка до полуфиналето

Репрезентациите на Аргентина и Чиле се пласираа во полуфиналето на Копа Америка со убедливите победи над Венецуела и Мексико.

Аргентинците предводени од Лионел Меси ја победија Венецуела со 4-1, додека актуелниот шампион Чиле го прегази Мексико со 7-0.
„Гаучосите“ во борбата за финалето на турнирот кој ја одбележува стогодишницата од континенталниот шампионат ќе играат со домаќинот САД, а Чилеанците ќе се сретнат со Колумбија.
Меси по прв пат се најде во почетниот состав на Аргентина на Копа Америка и веднаш најави дека тоа ќе биде негова вечер. Во осмата минута фантастично му асистираше на Игуаин кој погоди за 1-0. Дваесетина минути подоцна напаѓачот на Наполи ја искористи големата грешка на одбраната на Венецуела, го заобиколи голманот и рутински погоди за 2-0.
Венецуела немаше многу шанси во првото полувреме, но во финишот Рондон пропушти две големи шанси, а голманот на Аргентина Серхио Ромеро направи пенал, па ја одбрани „паненката“ на Сејас.
Во 60-тата минута Меси и Гаитан одиграа кратки додавања и напаѓачот на Барселона погоди за 3-0, што беше негов 54 гол за националниот тим со што се израмни на првото место на вечната листа со Габриел Батистута, а на досегашните три натпревари директно е заслужен за седум голови – постигна четири и асистираше за три.
Десет минути подоцна Рондон намали на 3-1, но во следната минута Меси му асистираше на Ламела кој го постави конечниот резултат.
На вториот натпревар сите очекуваа голема борба меѓу Мексико и Чиле, но Мексиканците кои беа одлични во првата фаза на турнирот потполно се распаднаа што репрезентацијата на Антонио Пици во целост го искористи и ја наполни мрежата на Очоа.
Блесна фудбалерот на Хофенхајм Едуардо Варгас кој постигна четири гола, Едсон Пух два пати се запиша во листата на стрелците, а седумката ја комплетираше Алексис Санчес, кој два пати беше асистент.
Варгас стана прв фудбалер од 1957 година кој постигна четири гола на еден натпревар на Копа Америка.

Најнови вести