Корисничко име Лозинка Пријави се
21.7.2016

Руските атлетичари нема да одат во Рио

Судот за спортска арбитража во Лозана ја одби жалбата на Атлетскиот совет на Русија и ги суспендираше атлетичарите од Олимписките игри во Рио.

Како што се наведува, ЦАС ја поддржа одлуката на Светската атлетска федерација (ИААФ) поради систематскиот допинг на спортистите, во кој удел имало и Министерството за спорт на Русија и забрани да се натпреваруваат 68 атлетичари од Русија.
Напоредно со овој случај се чека и одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во врска со останатите спортисти кои со норма се изборија за игрите, а немаа проблеми со користењето на недозволени супстанци.
Од друга страна, останатите руски спортисти ќе имаат шанса да се најдат во Бразил доколку исполнат неколку услови, а како главен услов се истакнува да бидат тестирани надвор од татковината. По таа основа право на настап стекнаа Јулија Степанова и Дарија Клишина. 
„Бордот на ЦАС потврди дека руските атлетичари се суспендирани од претстојните Олимписки игри во Рио, но истовремено изречената суспензија не се однесува на остатокот од тимот на Русија“, изјави еден од членовите на комисијата на Судот за спортска арбитража. 
Лорд Кое, претседателот на ИААФ, истакна дека е задоволен со тоа што ЦАС ја поддржа одлуката, но нагласи дека „не дојде во спортот да ги попречува спортистите да се натпреваруваат“.
„Ова не е ден за триумфални изјави. Не дојдов во светот на спортот да ги попречувам спортистите да се натпреваруваат. По Рио, ИААФ ќе продолжи да соработува со Русија- за да створи безбедно опкружување за сите спортисти во нивната федерација, со цел да се врати правото на натпреварувањето и меѓународното признание“, изјави Кое.

Најнови вести