09.8.2016 Шпански дуел за првиот евро-трофеј
Фудбалерите на Реал Мадрид и Севилја ќе се борат за првиот трофеј на УЕФА во новата сезона.
„Кралскиот клуб“ влегува во натпреварот ослабен со неиграњето на четири првотимци кои добија подолга пауза по напорната сезона и Европското првенство.1
Зинедин Зидан не може да смета на Кристијано Роналдо, Герет Бејл, Тони Крос и Пепе за натпреварот со Севилја. Четворицата беа носители на тимот минатата сезона, а покрај тоа играа и во завршницата на Евро 2016.
„Никогаш не е рано за финале. Мораме секогаш да бидеме подготвени и мислам дека направивме одлична работа за време на подготовките. Вистина е дека ни недостигаат важни играчи, но и понатаму имаме одлична екипа. Тие имаа обврски за Европското првенство и ќе ни се приклучат подоцна. Немаа време да се подготват и затоа не се со нас. Меѓутоа ние ќе се бориме. Имаме фудбалери од резервниот тим кои сакаат да играат и подготвени сме за финале“, изјави капитенот Серхио Рамос.
„Не мислам дека отсуството на овие четири фудбалери ќе го ослаби Реал. Секако дека се важни и клучни играчи и тоа го имаме на ум. Но нема сомнеж дека Реал е сјаен тим кој може да најде замена за тие кои не се достапни“, изјави новиот тренер на андалужаните Хорхе Сампаоли.
„Реал е фаворит. Секогаш е така. Меѓутоа тоа не значи дека ние дојдовме само да го гледаме натпреварот и како тие го освојуваат трофејот. Дојдовме овде да се бориме и да се обидеме да победиме. Сакаме да им ги искомпликуваме работите од почетокот што ни е планот. Имаме свое оружје со кое можеме да го освоиме трофејот“, изјави фудбалерот од средината на теренот Висенте Ибора.
Двата тима по петти пат играат во Суперкупот на Европа, Севилја трет пат по ред. Двете шпански екипи се сретнаа во 2014 година во Кардиф и тогаш победи Реал Мадрид. Година подоцна Севилја загуби од Барселона во Тбилиси. Како и да заврши натпреварот ќе продолжи доминацијата на шпанските клубови кои освоија 12 титули во 22 финалиња.
Натпреварот се игра вечерва во стандардниот европски термин од 20:45 часот, а ќе го суди српскиот судија Милорад Мажиќ.