12.8.2016 Џонатан Калјери шесто засилување за Вест хем
Талентираниот аргентински напаѓач Џонатан Калјери е ново големо засилување за Вест хем, потврди менаџерот на клубот Славен Билиќ.
Калјери долго беше цел на бројни европски клубови, пред сите Интер и Челзи, но избра кариерата да ја продолжи во Вест хем.
„Го завршивме трансферот на Калјери и наскоро ќе ни се приклучи. На негова жал Аргентина отпадна од Олимписките игри, што е добро за нас, па кога ќе добие работна дозвола, за два или три дена, го очекуваме во Лондон“, изјави Билиќ.
Дваесет и двегодишниот фудбалер во Вест хем доаѓа од уругвајскиот Депортиво Малдонадо, а минатата полусезона ја помина во Сао Пауло каде постигна 16 голови на 31 натпревар. Во Аргентина играше за Ол бојс и Бока јуниорс каде во целост се афирмираше.
Вест хем во овој преоден рок досега направи одлична работа и пред Калјери ги ангажираше Андре Ају, Артур Масуаку, Софијан Фегули, Харвард Нордвајт и Гокан Торе, а ги задржа Мануел Ланцини и Димитри Паје.