Корисничко име Лозинка Пријави се
24.8.2016

Ливерпул и Евертон се откажаа од Џо Харт

Џо Харт, голманот на Манчестер сити, нема да оди во Ливерпул или во Евертон бидејќи клубовите од Ливерпул се откажаа од трансферот, пренесоа британските медиуми.

„Дејли мејл“ пренесе дека Ливерпул најверојатно нема да му испрати понуда на Сити до крајот на преодниот рок за дваесет и деветгодишниот Харт бидејќи е задоволен од своите голмани.
Весникот пренесе дека Јирген Клоп, тренерот на „црвените“, не го разгледувал доведувањето на Харт пред поразот од Барнли (2-0) минатиот викенд. 
„Дејли мејл“ наведе дека Харт ѝ е лут на управата на Сити бидејќи нему и на неговиот агент не им дала доволно време да пронајдат нов клуб.
Тој, наводно, верува дека новиот тренер Пеп Гвардиола одлучил да го исфрли од првиот тим уште на крајот на минатата сезона, а дека клубот претходно не го ставил на трансфер-листата поради страв од високите цени за голманите на пазарот.
Весникот „Дејли експрес“ наведе дека Харт нема да направи трансфер во Евертон, кој се дистанцирал од репрезентативниот голман.
Клубот од „Гудисон парк“ сакаше да го доведе Харт на заем, но не сака да му дава плата од 140.000 фунти седмично.
Шпанските медиуми пренесоа дека и Севилја се откажала од ангажман на Харт.
Харт во двата овосезонски натпревари во Премиер лигата беше на клупата, а бранеше Вили Кабалјеро.
Сити е блиску до комплетирање на трансферот на Клаудио Браво, голманот на Барселона, кој утрово стигнал во Манчестер, па Харт ќе стане трет голман.
Селекторот на Англија Сем Алардајс неодамна изјави дека е загрижен за ситуацијата во која се наоѓа Харт, но дека ќе биде во екипата за натпреварот против Словачка во квалификациите за Светското првенство во Русија 2018 година, на почетокот на следниот месец.

Најнови вести