29.8.2016 Гвардиола: Сити може уште подобро, Стерлинг е одличен
Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека „граѓаните“ можат да бидат уште поубедливи и да играат уште подобро.
На последниот натпревар со Вест хем, во којшто победија со 3-1, избраниците на Пеп Гвардиола покажаа моќ и го потврдија она што нивниот менаџер го сака од нив.
Менаџерот на „граѓаните“ изјави дека е воодушевен од тимскиот дух и изненаден од играта на некои играчи коишто фантастично се вклопија по толку малку време поминато заедно со тимот.
Тој по натпреварот на новинарите им изјави дека нема сомнение дека тие може да играат уште подобро.
„Ние сме заедно два месеца, не е многу, но не очекував ваква игра за кратко време. Одигравме добро во првото полувреме, потоа примивме гол од нивната прва вистинска шанса, но на крајот ментално го контролиравме натпреварот. Заслуживме победа со повеќе голови, но играта беше одлична. Од првиот тренинг и на натпреварите, немам никакви забелешки на однесувањето на мојот тим“, изјави поранешниот тренер на Баерн.
Рахим Стерлинг беше играч на натпреварот со два постигнати голови и еден од најзаслужните во победата над Вест хем.
„Стерлинг погоди два пати, но за мене тој и на минатите натпревари беше одличен. Тој е динамичен фудбалер и среќен сум што игра толку добро. Се обидувам да му помогнам, му зборував дека ќе добие повеќе топки доколку остане на таа позиција. Сити го доведе првенствено поради неговиот талент. Мило ми е за него, за тимот и националната репрезентација“, изјави Гвардиола.