Корисничко име Лозинка Пријави се
15.9.2016

Ранг-листа на ФИФА: Македонија најслаба досега

Македонија се наоѓа на 146-тата позиција на најновата ранг-листа на ФИФА, што е најслабо рангирање во историјата на нашата фудбалска репрезентација.

Нашиот национален тим во изминатиот месец одигра само еден натпревар, во којшто беше поразен од Албанија на гостувањето во Скадар, па токму поради тој претрпен пораз направи огромен пад на рангирањето на ФИФА.
„Црвено-жолтите“ на претходното рангирање беа на 138-мото место, а во меѓувреме паднаа за осум позиции, па сега пред нив се наоѓаат дури и репрезентациите на Луксембург, Таџикистан, Либан, Хонгконг...
Нема промени на чело на листата, и понатаму Аргентина е пред Белгија, додека селекцијата на Германија направи скок за едно место и сега се наоѓа на третата позиција, пред Колумбија и Бразил.
Од противниците во нашата квалификациска група, од првите десет рангирани селекции испадна Шпанија, која сега го зазема 11-тото место, а Италија по падот од три места, сега се наоѓа на 13-тата позиција. Најголем пад претрпе селекцијата на Израел, дури за 22 позиции, па сега се наоѓа на 98-мото место. Зад нашата репрезентација сега е само Лихтенштајн, кој се наоѓа на 182-рото место.

Најнови вести