Корисничко име Лозинка Пријави се
17.9.2016

Клоп: Игравме „пеколен“ фудбал

Менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп изјави дека неговиот тим играл „пеколен“ фудбал во победата над Челзи од 2-1 на „Стемфорд бриџ“.

Ливерпул славеше против „сините“ на отворањето на петтото коло од Премиер лигата во западен Лондон со головите на Дејан Ловрен и Џордан Хендерсон, а единствениот гол за домашните го постигна Диего Коста.
„Ја заслуживме предноста која ја стекнавме, но тогаш престанавме да играме што му овозможи на Челзи да се врати. Мораме да научиме да ја користиме својата сила за да можеме да ги контролираме натпреварите и да бидеме 100% концентрирани. Сепак игравме многу добро откако тие дадоа гол, а посебно се истакнавме да ги спречиме да го направат тоа што често им успева, да постигнат гол во последните секунди“, изјави Клоп.
„Челзи е пресилен тим да му дозволите премногу простор во текот на натпреварот, но морам да истакнам дека бевме брилијантни на почетокот. Игравме пеколен фудбал и тоа беше сјајно за гледање. Во вторите 45 минути беше далеку потешко затоа што останавме без сила. Им реков на момците пред натпреварот дека сè може да се случи, но ако изгубиме, тоа да биде на наш начин“, заврши Германецот.
„Некогаш е лесно да се најде причината за поразот, а некогаш многу тешко. Начинот на кој ги примивме головите е многу чуден затоа што мораме да ја предосетиме опасноста, а тоа против Ливерпул не беше случај“, изјави менаџерот на Челзи Антонио Конте.
Ливерпул со победата се израмни со Челзи на третото место на табелата со десет бодови и воедно му го нанесе првиот пораз на клубот од Лондон.

Најнови вести