Корисничко име Лозинка Пријави се
19.9.2016

Розберг ја продолжи низата во Сингапур

Нико Розберг, возачот на Мерцедес, триумфираше на Големата награда на Сингапур, на 15-тата трка на овогодишниот шампионат на Формула 1.

Германецот на патеката „Марина беј“ дојде до третата победа по ред, осма оваа сезона, а 22-ра во кариерата, благодарение на која повторно го презеде водството во генералниот пласман.
Второто место го зазеде Даниел Рикијардо во болидот на Ред Бул, додека на третото скалило на победоносниот престол се најде актуелниот шампион Луис Хамилтон.
Големата награда на Сингапур решена е во самиот финиш, со одлуката на Розберг да не оди по трет пат по нови пневматици, за разлика од неговите главни ривали. Германецот до тој момент сигурно водеше и ја одржуваше предноста, но со одлуката на Рикијардо да оди по нови пневматици таа беше доведена во прашање. Иако Австралиецот за десетина кругови своето заостанување го намали за повеќе од 20 кругови, на крајот немаше сила за повеќе.
И додека вистинската борба за првото место изостана, за третото не, Хамилтон со раното одење во бокс успеа да го надмудри Кими Раиконен, возачот на Ферари. Финецот претходно одлично го престигна, но во Мерцедес потоа го променија планот и му овозможија на бранителот на титулата на патеката да се врати пред возачот на Ферари и брзо да се одвои. Раиконен на крајот мораше да се задоволи со четвртото место, пред тимскиот колега Себастијан Фетел, кој дефинитивно е еден од јунаците на трката.
Четирикратниот светски шампион стартуваше од крајот поради промената на моторот по квалификациите и на крајот низ целта помина како петтопласиран. По него следуваа Макс Ферстапен, возачот на Ред Бул, Фернандо Алонсо во Мекларен и Серхио Перез, возачот на Форс Индија. Првите десетмина ги комплетираа Данил Квјат, возачот на екипата Торо, и Кевин Магнусен во Рено.

Најнови вести