Корисничко име Лозинка Пријави се
19.9.2016

Без Роналдо и Бејл, Реал го изедначи рекордот на Барса

Фудбалерите на Реал Мадрид по четири одиграни кола во шпанската Примера лига и понатаму се единствениот тим со максимален учинок.

Иако без Кристијано Роналдо (воспаление на грлото) и Герет Бејл (лесна повреда на бутниот мускул), Реал го совлада Еспањол во гости со 2-0, со головите на Џејмс Родригес во завршницата на првото полувреме и на Карим Бензема во 71-вата минута.
Реал со Зинедин Зидан на клупата го изедначи рекордот на Барселона со Пеп Гвардиола од 16 лигашки победи во низа.
Натпреварот можеше да добие и сосема поинаков тек ако Баптистао подобро реагираше во 11-тата минута, голема грешка на стоперот на Реал го остави него во чиста позиција на десетина метри од голот, но Касилја го одбрани неговиот удар.
Мадриѓаните не блескаа, домаќинот беше рамноправен и во првото полувреме гледавме прилично монотон натпревар сè до самиот финиш - во втората минута од продолжението Родригес се ослободи од двајцата чувари и од работ на казнениот простор ја испрати топката во голот на Лопез за 1-0.
Тоа како да го поколеба Еспањол, Реал заигра малку подобро во продолжение, но тоа беше далеку од блескава партија. Неколку солидни обиди и одличниот удар од свртување на Бензема во 57-мата минута го реши натпреварот.
Се играше 71 минута, Крос ја испрати топката на десната страна кај Лукас Васкез, кој ја испрати по земја во шеснаесетникот, а Бензема истрча и го постигна својот прв гол во сезоната.
Реал рутински го одигра натпреварот до крај и ја сочува силата следниот предизвик, средбата во среда со Вилјареал на домашен терен. Еспањол остана на два бода и во наредната рунда ќе гостува кај Осасуна.

Најнови вести