19.9.2016 Гундоган: Клоп е страстен, но Пеп е гениј
Илкај Гундоган, фудбалерот на Манчестер сити, изјави дека Пеп Гвардиола веројатно е најдобриот менаџер на светот.
Гундоган работеше со Јирген Клоп, сегашниот менаџер на Ливерпул, во Борусија Дортмунд и заедно ја освоија шампионската титула и играа во финалето на Лигата на шампионите.
„Двајцата менаџери со своите квалитети се од светска класа. Не би било чесно да кажам дека Јирген е поемотивен, но кога го гледате како ја проживува секоја минута покрај аут-линијата, не е тешко да разберете зошто Дортмунд имаше толку успеси со него“, изјави Гундоган.
„Пеп е подеднакво страстен, но на поинаков начин. Тој е повеќе како гениј кој ја чита играта и ја покрива секоја можна ситуација – секогаш ни покажува како да создадеме простор, да најдеме решенија... Нема менаџер кој е како него и поради тоа тој е најверојатно најдобар на светот“, додаде фудбалерот на Сити.
Сити во првите пет кола има исто толку победи, а во последното коло го декласира Борнмут со 4-0.
„Среќни сме за квалитетот што го поседуваме. Имаме потенцијал да бидеме уште подобри, но секој натпревар е нов почеток. Многу сме флексибилни, никој подолго од 30 минути не останува во истата улога“, изјави 25-годишниот Гундоган.
Во следното коло Манчестер сити во сабота ќе гостува кај Свонси.