Корисничко име Лозинка Пријави се
20.9.2016

Клоп повторно смета на Фирмино

Бразилецот Роберто Фирмино се врати на тренинзите на Ливерпул по проблемите со повредата на препоните.

Фирмино постигна два гола во победата на „црвените“ над Лестер (4-1) на десетти септември, но го пропушти триумфот над Челзи во петокот (2-1).
Ливерпул денес гостува кај второлигашот Дерби каунти, во натпреварот од третото коло од англискиот Лига куп.
„Имаме силен состав, тоа се добри вести. Нема да одмараме играчи коишто се сто отсто подготвени. Не сум одлучил кој тим ќе го почне натпреварот, но важно е што Фирмино се врати на тренинзите“, изјави менаџерот Јирген Клоп.
Ливерпул моментно е на делба од четвртото до шестото место во Премиер лигата со Арсенал и Челзи со по десет бодови, пет помалку од лидерот Манчестер сити, три од Евертон, а еден од Тотенхем.
„Моментно не размислуваме за лигашките ривали. Лига купот е нашиот следен чекор. Гледам многу натпревари во Шампионат лигата, Дерби е многу амбициозна екипа. Нè очекува изедначен натпревар против многу силен тим. Сакаме да го освоиме Лига купот, но не сакаме да зборуваме за трофеите. Имаме амбиции, но не помага зборувањето за тоа“, додаде Клоп.
Во тимот наскоро би можело да се врати стоперот Мамаду Сако, кој паузира уште од подготвителната турнеја во САД, но Клоп е задоволен од тоа како го замени Жоел Матип, кој ова лето стигна од Бундеслигата.

Најнови вести