Корисничко име Лозинка Пријави се
21.9.2016

Крај за Јаја Туре во Сити

Пеп Гвардиола изјави дека нема да ги трпи изјавите на Димитри Селук, агентот на Туре, и дека додека Украинецот не се извини, Јаја Туре нема да игра за Манчестер сити.

„Нема да се извинам, Гвардиола нека му се извини на Јаја, на Пелегрини и на Џо Харт. Живеам во слободна земја, зборувам што сакам“, изјави Селук.
Него во Сити не го сакаат, често со своите изјави правеше проблеми, како во 2014 година, кога веднаш по освојувањето на титулата го нападна клубот дека на Јаја не му го честитале роденденот.
Сега ситуацијата е посериозна, запрашан дали Туре ќе игра против Свонси, Гвардиола јасно изјави.
„Не е во тимот, не е во комбинација, жал ми е, добро момче е, но додека неговиот агент не им се извини на клубот и на неговите соиграчи, тој нема да биде во конкуренција“, изјави Гвардиола.
Тој додаде дека не може да дозволи Селук наместо да го повика него, ако нешто не му биде јасно, да прави конференција за печатот секојпат кога нешто не му се допаѓа.
„Јас сум од старата гарда, можеби сега е поинаку, но таквите работи не беа прифатливи кога бев играч. Не можам да замислам мојот агент од времето кога бев на клупата во Барселона да повика конференција за печатот и да го навредува Јохан Кројф. Можеби времињата се промениле, но мојот принцип е јасен и ќе се држам за него“, додаде Пеп.
Селук изјави дека Туре ќе почека договорот да му истече на крајот на сезоната.
„Од зима може да потпише за друг клуб, ќе биде слободен“, изјави на крајот Селук.
Оваа година е потрошена, Туре остана во клубот, но тешко дека некогаш повторно ќе игра за Сити.

Најнови вести