Корисничко име Лозинка Пријави се
21.9.2016

Сеск: Се надевам дека глупостите сега ќе престанат

Сеск Фабрегас, играчот за врска на Челзи, изјави дека се надева дека неговата добра игра во натпреварот со Лестер во Лига купот ќе ги спречи медиумите да пишуваат глупости за неговото можно заминување.

Челзи се пласира во четвртото коло на Лига купот откако по пресвртот го победи шампионот со 4-2.
Челзи губеше со 2-0, успеа да изедначи до 50-тата минута, а Фабрегас со головите во втората и четвртата минута од продолжението на времето успеа да обезбеди победа против шампионот на Англија.
Од доаѓањето на менаџерот Антонио Конте ова лето во Челзи, Фабрегас ниту еднаш не беше стартер во првенството, но синоќа доби шанса да игра од почетокот.
„Среќен сум пред сè што играв од почетокот, а потоа, ако можам да ѝ помогнам на екипата да победи, тоа е фантастично. Се надевам дека ова ќе замолчи некои новинари, дневни весници и уште некои, сите оние коишто зборуваат и пишуваат глупости и ќе се сконцентрираат на она што е најважно, победата на Челзи. Концентриран сум на добрата игра и кога ќе добијам шанса да го покажам она што знам дека го можам, сакам да направам многу за овој тим“, изјави Фабрегас за „Скај Спортс“.
И покрај тоа што Челзи губеше (2-0), Фабрегас изјави дека неговата екипа добро одиграла.
„Знаеме дека Лестер е добар од контранапади, што и го правеа, но мислам дека го покажавме карактерот што го покажувавме цела сезона“, додаде тој.
Антонио Конте, тренерот на Челзи, изјави дека му е мило што екипата се пласирала во четвртото коло, а посебно го пофали Фабрегас.
„Сеск е паметен играч, итар играч, тој го гледа натпреварот, ја чувствува ситуацијата. Мило ми е за него, бидејќи во натпреварите во коишто не беше стартер секогаш покажуваше одличен став“, изјави Конте.

 

Најнови вести