23.9.2016 Фалкао во болница поради потрес на мозокот
Радамел Фалкао, фудбалерот на Монако, е во болница поради потрес на мозокот кој го доживеа во текот на натпреварот со Ница, изјави тренерот Леонардо Жардим.
Монако изгуби од Ница со 0-4, а Фалкао во судиското продолжение на првото полувреме падна на тревата по судирот со Јоан Кардинале, голманот на противничката екипа.
Фалкао веднаш бил одведен во болница, каде што му биле извршени бројни прегледи.
Жардим е незадоволен поради тоа што судијата не го казни голманот на Ница за несовесниот старт и побара поостри казни за таквиот вид прекршоци.
„Фалкао сè уште е во болница по потресот на мозокот. Судиите мора да посветат повеќе внимание и да ги казнат ваквите стартувања. Мислам дека требаше со црвен картон да го казни голманот на Ница. Кога играчот ризикува така (да го повреди противникот), мора да биде казнет на некој начин“, изјави Жардим.
Монако го претрпе првиот пораз во првенството и го зазеде третото место на табелата со 13 бодови, колку што има и второпласираниот ПСЖ. Ница е единствена без пораз во првенството и има еден бод повеќе на првото место.