08.10.2016 Монтоливо шест месеци во аут, ФИФА ќе му плати на Милан
Италијанскиот репрезентативец Рикардо Монтоливо ќе отсуствува од теренот најмалку шест месеци поради повреда на левото колено, соопшти фудбалскиот клуб Милан.
Монтоливо на натпреварот од квалификациите за Светското првенство против Шпанија (1-1) ги скина вкрстените лигаменти на левото колено во еден дуел со Серхио Рамос, а по денешните лекарски прегледи е утврдено дека ќе мора да оди на операција.
Доколку играчот пропушти 28 дена во клубот, а речиси е извесно дека ќе пропушти, по тој период ФИФА ќе има должност на Милан да му ја надополни неговата плата, сè до максималниот износ од 7,5 милиони евра.
За натпреварот на италијанската репрезентација против Македонија дополнително е повикан Марко Бенаси, фудбалерот на Торино.
Овој 22-годишен играч од средината на теренот сè уште нема настапено за репрезентацијата А на Италија, но играше за сите млади селекции за „аѕурите“.
Италија утре ќе се сретне со Македонија во третото коло на групата Г од квалификациите за Светското првенство 2018 година во Русија.