10.10.2016 Имобиле не дозволи сензација во Скопје
Македонската фудбалска репрезентација беше поразена во последните 15 минути од средбата со Италија со погодоците на Имобиле, напаѓачот на Лацио.
Македонија во првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство 2018 година изгуби од Албанија во Скадар, потоа во средбата со Израел не успеа да реализира пенал во 94-тата минута, а немаше среќа ниту синоќа, во дуелот на домашен терен против Италија.
И во синоќешниот натпревар следуваше разочарување, овој пат не поради играта на нашата селекција, која веројатно беше најдобра досега во овие квалификации, туку поради двата погодоци на италијанскиот напаѓач Чиро Имобиле.
Имобиле погоди во 75-тата и во 91-вата минута од средбата за пресврт и го постави конечниот резултат 3-2. Прв стрелец на натпреварот беше Андреа Белоти, кој поради невнимание на нашите фудбалери, погоди од корнер, а Илија Несторовски во 57-мата и Ферхан Хасани во 59-тата беа стрелци за пресврт на нашата репрезентација и предност од 2-1.
Италија нема пораз на последните 53 настапи во квалификациите (39 победи и 14 ремија), па доколку Македонија успееше да ја совлада, тоа навистина ќе беше сензација.
По овој разочарувачки пораз, Македонија остана на претпоследното место во групата Г без ниту еден освоен бод, исто како и Лихтенштајн, само што има подобра гол-разлика. На чело на групата сега се Шпанија, која славеше во Албанија со 2-0, и Италија со седум бодови, а Албанија и Израел имаат по шест бода.