Корисничко име Лозинка Пријави се
11.10.2016

Нови фудбалски херои, Македонија на Европско првенство до 21 година!

Македонската репрезентација до 25 години го направи најголемиот успех во нашата фудбалска историја и по победата над Шкотска од 2-0 се пласираше на Европското првенство до 21 година кое ќе се игра во Полска.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски по десет одиграни натпревари во групата 3 го освоија првото место и станаа првата фудбалска репрезентација на Македонија која ќе игра на голем турнир.
Пред последното коло на Македонија ѝ требаше победа против Шкотска, а Исланд како домаќин да не ја победи Украина. Во Рејкјавик Исланд и Украина одиграа трилер натпревар со пресврт и на крајот Украинците славеа со 4-2. По ваквиот расплет Македонија го заврши овој циклус на првото место со 21 бод, еден повеќе од второпласираната Франција и три повеќе од третиот Исланд.
Македонија против Шкотска тргна офанзивно уште од самиот старт и покажа дека е поквалитетен противник.
Водството дојде во 18-тата минута од натпреварот – шутот на Радески голманот Фултон го одби до Кире Маркоски кој ја смести топката во мрежата на Шкотска за голема радост на Националната Арена „Филип Втори“.
Пет минути подоцна веќе беше 2-0 за Македонија, по одличниот удар на Барди од дваесетина метри.
Во 37-ата минута беше досуден пенал за Македонија по игра со рака на еден од шкотските фудбалери по нафрлена топка, но Давид Бабунски не ја реализираше најстрогата казна.
Во второто полувреме продолжи доминацијата на Македонија која искусно и со рутинска игра го приведе натпреварот до крајот по кој заслужено се славеше историскиот успех.

Најнови вести