12.10.2016 Бразил прв без Нејмар, Аргентина очајна без Меси
Првото место на Бразил и новиот кикс на Аргентира ги обележаа натпреварите од десеттото коло на јужноамериканските квалификации за Светското првенство 2018 година.
Селесао со победата од 2-0 во Венецуела без Нејмар го престигна Уругвај, по ремито од 2-2 на ривалите во дербито во Колумбија.
Изненадување на вечерта приреди Парагвај, кој со минимален резултат ја шокираше Аргентина во Кордоба, Чиле дури во финишот го победи Перу со 2-1, додека Еквадор избори 2-2 во Боливија по заостанувањето од два гола.
Бразил до четвртата победа во низа го предводеа Габриел Жесус со погодокот во осмата и Вилијан во 53-тата минута од натпреварот во Мерида.
Тимот кој го предводи Тите сега има 21 бод, еден повеќе од Уругвај, кој на шест минути пред крајот остана без голем триумф во Баранка.
Колумбија поведе во 15-тата минута со погодокот на Агилар, но Кристијан Родригес во 27-мата и Луис Суарес во 73-тата минута направија пресврт за гостите. Во 84-тата минута од средбата домашните навивачи ги израдува 22-годишниот бек на Палмеирас, Јери Мина.
Аргентина како да не знае да игра фудбал без Лионел Меси, трето коло по ред без својот најдобар играч не славеше, дури доживеа шокантен пораз од Парагвај.
Дерлис Гонзалез во 18-тата минута им донесе водство на Парагвајците во Кордоба, каде што навивачите ги разочара Серхио Агуеро, кој на стартот на второто полувреме не погоди пенал.
Во самата завршница имаше шанса да се искупи, добро шутираше со глава по центаршутот, но неговиот удар отиде по средината на голот, право во рацете на голманот Хусто Вилјар.
Чиле ја прекина серијата од три натпревари без победа, но актуелниот шампион на континентот и понатаму е во голема криза. Дури во 85-тата минута Артуро Видал со својот втор погодок на натпреварот успеа да донесе три бода против Перуанците.
Еквадор ја пропушти шансата да остане на врвот на табелата, но мора да биде задоволен со бодот од Ла Паз. Пабло Ескобар со двата гола во првото полувреме ѝ донесе големо водство на Боливија, но во второто полувреме на ист начин возврати Енер Валенсија и ги спаси гостите од пораз.
Квалификации за Светското првенство, Јужна Америка:
Боливија – Еквадор 2-2
Колумбија – Уругвај 2-2
Аргентина – Парагвај 0-1
Чиле – Перу 2-1
Венецуела – Бразил 0-2