Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2016

Гвардиола: Никогаш нема да го сменам стилот на игра

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека никогаш нема да го менува својот стил на игра и додаде дека неговата екипа заслужила да победи против Евертон.

Сити одигра нерешено 1-1 против Евертон во Премиер лигата, но поради подобрата гол-разлика остана на првото место пред Арсенал, кој исто така има 19 бодови.
„За екипата може да се суди, но јас никогаш нема да го менувам стилот на играта на мојата екипа. Тоа е единственото што го имам. Направивме сè. Не можеме да бидеме премногу разочарани, бидејќи нè чека натпреварот со Барселона (во Лигата на шампионите)“, изјави Гвардиола.
Фудбалерите на Манчестер сити топката ја поседуваа 72 отсто и имаа 19 удари кон голот.
„Не сум фрустриран, морам да го пофалам Евертон, начинот на којшто се бранеа. Тажен сум поради играчите, заслужија да победат“, додаде шпанскиот тренер.
Мартен Стекеленбург, голманот на Евертон, одбрани два пенали на фудбалерите на Сити, од Кевин де Бројне и Серхио Агуеро.
„Можете да вежбате пенали, но на тренинзите нема притисок. Пеналите во важните моменти се (вистинските) пенали“, додаде Гвардиола.
Сити нема победа на трите последни натпревари, по ремито од 3-3 со Селтик и поразот во првенството со 0-2 од Тотенхем, а сезоната ја отвори со десет последователни победи.
Роналд Куман, менаџерот на Евертон, го пофали голманот на својата екипа.
„Можеби тој го одигра најдобриот натпревар во својата кариера. Сити е најдобрата екипа против која сум играл во кариерата“, изјави Куман.

Најнови вести