Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2016

Џиџи: Прерано ме отпишуваат

Џанлуиџи Буфон, по одличниот настап и одбранетиот пенал во Лион (1-0) во Лигата на шампионите, изјави дека критичарите рано е да го испратат во историјата.

Јувентус славеше во Лион со голот на Хуан Куадрадо, но најзаслужен за победата беше легендарниот голман на „старата дама“ бидејќи го одбрани ударот од 11 метри на Александр Лаказет во првото полувреме, покрај уште трите одлични интервенции, и по неколкуте киксови во последно време, покажа дека и понатаму може да брани на врвно ниво.
„Луѓето почнале да организираат погреб, но нема покојник. Не сакам да бидам арогантен, доста пати сум бил самокритичен и не морам да ги слушам приказните на луѓето коишто изразуваат непочитување. Слушнав многу глупави работи во последно време и само еден нормален коментар ’Очекувам повеќе од Буфон’. Во целост се согласувам со тоа“, изјави Буфон по натпреварот во Лион.
Буфон смета дека „бјанконерите“ мора да играат на значително повисоко ниво доколку го сакаат трофејот на Лигата на шампионите.
„Мораме многу подобро да играме бидејќи ваквата игра не е доволна за да одиме до завршница. Парадоксално звучи дека сме биле подобри и покомпактни со играч помалку на теренот. Освен пеналот, немав впечаток дека Лион може да нè загрози“, додаде Буфон.
Неговиот соиграч Миралем Пјаниќ изјави дека никогаш не се сомневал во квалитетот на Буфон.
„Уште еднаш покажа кој е и што е. Сомневањата во него немаат смисла, Буфон е многу важен за Јувентус и за репрезентацијата на Италија. Тој е голем човек и голман, клучен за сите нас“, изјави Пјаниќ.
Јувентус по трите одиграни кола во групата Х, има седум бодови, а во наредниот натпревар го дочекува Лион во Торино.

Најнови вести