Корисничко име Лозинка Пријави се
20.10.2016

Шестка за Арсенал, Барса го понижи Сити

Фудбалерите на Барселона убедливо со 4-0 го победија Манчестер сити во дерби-натпреварот од третото коло на групата Ц во Лигата на шампионите.

По втор пат оваа сезона Лионел Меси постигна хет-трик во елитното клупско натпреварување, а гостите ги досреди Нејмар со голот во 89-тата минута.
Бразилецот две минути претходно не реализираше пенал, поточно Вилфредо Кабалјеро, резервниот голман на Сити, му го запре шутот од 11 метри. Кабалјеро влезе во игра во 53-тата минута од средбата, откако Клаудио Браво, првиот голман на „граѓаните“ беше исклучен поради играње со рака надвор од шеснаесетникот.
И домаќините натпреварот го завршија со играч помалку. Французинот Жереми Матје во 73-тата минута мораше да оди надвор од теренот поради двата жолти картони.
Барселона по трите кола има максимален учинок, додека Сити има само еден бод повеќе од Менхенгладбах.
Во останатите натпревари, убедлива победа остварија Арсенал, Баерн од Минхен и ПСЖ, а по три бода освоија уште Менхенгладбах, Бенфика, Атлетико Мадрид и Бешикташ, кој направи изненадување на вечерта со триумфот во Наполи.
Трите гола за „топчиите“ против шампионот на Бугарија ги постигна Месут Озил. Шампионот на Турција направи пресврт и преку двократниот стрелец Абубакар стигна до големата победа против Наполи, а домаќините не реализираа пенал при резултатот 1-2. За „јорганџиите“ победата во Русија ја донесе Караско.
Арсенал и ПСЖ се убедливо први во групата А со по седум бодови, додека Базел и Лудогорец се веќе отпишани со по еден бод.
Наполи во групата Б има само бод повеќе од Бешикташ, а тука е и Бенфика, која има четири бода. Во групата Д, Атлетико доминира со сите три триумфи и е единствен, покрај Барселона и Лестер, кој има максимален учинок во досегашниот дел од натпреварувањето.

Најнови вести