Корисничко име Лозинка Пријави се
22.10.2016

Конте: Навивачи, топло добредојде за Мурињо!

Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека сака навивачите да му приредат добредојде на Жозе Мурињо кога утре со Манчестер јунајтед ќе дојде на „Стемфорд бриџ“.

„Мислам дека Мурињо беше важен тренер за Челзи. Освои три титули и мислам дека беше важен човек за клубот. Заслужува добар прием, повторувам, испиша дел од историјата на Челзи заедно со играчите и своите соработници. Кога некој ќе освои три титули, тој останува во срцата на навивачите. Тоа е нормално и тој го заслужува тоа“, изјави Конте.
„Сините“ утре ги дочекуваат „црвените ѓаволи“ во натпреварот од деветтото коло на Премиер лигата.
Челзи е петти на табелата со 16 бодови, додека Јунајтед е седми со два бода помалку.
Мурињо во два мандати го предводеше Челзи, а утре прв пат ќе игра против тој клуб откако во декември 2015 година доби отказ.
„Мурињо оваа сезона, како и играчите на Јунајтед, е непријател. Но, само во спортска смисла. Многу го почитувам. Тој е голем тренер, освои многу трофеи во кариерата. Мислам дека заслужува максимално почитување“, додаде менаџерот на Челзи.
Конте утре ќе се сретне и со Пол Погба, со кого работеше во Јувентус.
„Погба се врати во Англија, каде што фудбалски и се роди. Мислам дека нему му беше и сон да се врати во Јунајтед. Му посакувам сè најдобро... Но, дури по натпреварот“, изјави Италијанецот.
Пред утрешното дерби со Челзи, Јунајтед во претходното коло играше со Ливерпул на „Енфилд роуд“. Тој натпревар е завршен без голови.
„Го гледав натпреварот, тоа беше многу тежок дуел меѓу два многу добри тима, тактичка борба... Мислам дека Ливерпул и Јунајтед до крајот ќе се борат за титулата“, изјави Конте.

Најнови вести