Корисничко име Лозинка Пријави се
25.10.2016

Венгер: Имаме тим за освојување на Премиер лигата

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека „топчиите“ оваа сезона имаат најдобра шанса за освојување на Премиер лигата.

Французинот ја одбележа 20-годишнината откако е на клупата на лондонскиот клуб и го прослави 67-миот роденден на врвот на табелата и сега со 20 освоени бодови е изедначен со Манчестер сити и Ливерпул.
„Како што стојат сега работите, мислам дека нам би ни требале меѓу 82 и 84 бодови за да ја освоиме Премиер лигата. Секој натпревар е вистинска борба, а на крајот би можело да одлучуваат детали“, изјави Французинот, кој додаде дека шансите на Арсенал сега се најдобри во последниве пет-шест години.
Доколку Венгер го освои шампионатот, сосема сигурно ќе добие нов договор, бидејќи сегашниот му истекува на крајот на оваа сезона. Голем дел од навивачите бараа да си замине францускиот стручњак, но доколку Арсенал продолжи со добрите игри и ја освои титулата, нема сомнение дека тој повторно ќе остане омилен меѓу навивачите на лондонскиот клуб.
Арсенал во наредното коло игра против Сандерленд, а потоа му претстојат два тешки натпревари, со Тотенхем на домашен терен и гостување во Манчестер со Јунајтед.
„Ние имаме важен месец пред нас, бидејќи кога ќе се погледне распоредот, крајот на октомври и ноември би можело да бидат пресудни за нас, тогаш играме големи натпревари. Лично сметам дека тимот има заедништво, единство, желба, глад и добра можност да се натпреварува за шампионатот. Мислам дека имаме екипа која сега е позрела и подготвена да се соочи со предизвиците“, изјави Венгер.

Најнови вести