Корисничко име Лозинка Пријави се
29.10.2016

Арсенал без Лукас Перес, се враќа Ремзи

Лукас Перес, фудбалерот на Арсенал, ќе отсуствува до два месеца поради повреда на глуждот, но на теренот се враќа Арон Ремзи.

Арсенал денес игра во гости против Сандерленд, против кого по два месеци би требало да заигра Ремзи.
Од друга страна, Лукас ќе ги пропушти „црните мачки“ поради повреда во натпреварот против Ридинг во Лига купот во текот на неделата.
Шпанецот кој летоска стигна од Депортиво ќе паузира од 6-8 седмици. Неизвесни се настапите на Санти Касорла, Тео Волкот и Начо Монреал.
„Тоа е многу фрустрирачко. Вредно работеше за да дојде овде и сега е целосно скршен. Таа повреда дојде од никаде и е глупава, намерно е шутнат. Слично на фаулот на Гранит Џака над Моду Бароу (од Свонси), само без црвен картон. Иако црвениот картон не би му помогнал на Лукас. Беше непотребно, но мислам дека повеќе нервира реакцијата на играчот бидејќи немаше шанса да дојде до топката, но морате да го прифатите тоа. Понекогаш се извлекувате од таквите фаули, а понекогаш се добива тешка повреда“, изјави Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал.
Венгер изјави дека ќе биде внимателен со Ремзи, кој пропушти 13 натпревари поради повреда на тетивата, додека Волкот е неизвесен поради помали проблеми со тетивата. Монреал има проблеми со грчеви во мускулите.
Џака и понатаму е суспендиран, а Касорла е ровит и го пропушти минатонеделниот дуел со Мидлсборо. Венгер изјави дека неговите подготвени играчи мора да научат да се борат без Шпанецот.
„Луѓето зборуваа дека Санти не играл против Бороу, но дека сме доволни квалитетни да победиме и тоа е она за што треба да пронајдеме решение, дури и кога Санти не е тука, без оглед на тоа колку е важен“, изјави Венгер.

Најнови вести