Корисничко име Лозинка Пријави се
11.11.2016

Арсенал без Белјерин на „Театарот на соништата“

Десниот бек на „топчиите“ нема да му биде на располагање на Арсен Венгер во ноември.

Ектор Белјерин се повреди на тренингот пред натпреварот од Лигата на шампионите против Лудогорец во Софија, таа средба ја пропушти, но Венгер кревок го фрли во оган во дербито на северен Лондон против Тотенхем.
Шпанецот го одигра целиот натпревар против „петлите“, во финишот имаше една добра шанса да им донесе победа на „топчиите“, но во таа ситуација јасно се виде дека нема доволно сила.
На тренингот на младата репрезентација на Шпанија болките му беа неподносливи, а селекторот Селадес нема да може да смета на него во бараж-натпреварот за пласман на Европското првенство против Австрија.
Вчера му се направени детални лекарски анализи и констатирано е дека на Белјерин му се оштетени лигаментите во глуждот, дека мора да мирува и дека за него нема фудбал во ноември.
Тоа значи дека Арсен Венгер нема да може да смета на одличниот десен бек на натпреварот од 12-тото коло на Премиер лигата против Манчестер јунајтед на 19-ти ноември, како ниту на средбата од петтото коло на Лигата на шампионите против ПСЖ на „Емирати“, која директно одлучува кој ќе биде прв во групата. Белјерин ќе пропушти уште два натпревари во коишто Арсенал ќе биде домаќин – првенствениот дуел против Борнмут, како и натпреварот од Лига купот против Саутхемптон.

Најнови вести