21.11.2016 Монтела: Ми беше жал за Интер
Винченцо Монтела, тренерот на Милан, изјави дека е горд на играта на неговата екипа во ремито со Интер (2-2) во 13-тото коло на Серија А.
Иван Перишиќ во продолжението избори бод за „нераѕурите“ во првиот натпревар со Стефано Пиоли на клупата.
„Кога ќе видам дека противникот слави бод како да победил, особено земајќи предвид дека тоа е тим кој е скроен да го освои Скудетото, морам да бидам горд на тоа. Ми беше жал за нив, но ние можеме мирно да спиеме со насмевка бидејќи одигравме одлично и покажавме извонреден дух“, изјави Монтела.
„Интер даде гол од прекин во 95-тата минута (поточно, во 92-рата), тоа беше совршена вечер и се трудам чашата да ја гледам како полуполна. Во второто полувреме бевме супериорни, но Интер головите ги даде од единствените шанси. Можеби не заслужија да изгубат, но сигурно не би било незаслужено ниту ако ние победевме“, додаде тренерот на Милан.
Тој изјави дека претседателот Берлускони бил малку разочаран, но дека му дал поддршка на тимот.
„Како и ние, задоволен е од Милан каков што го градиме – млад, италијански Милан“, изјави Монтела.
Милан моментно е трет на табелата на Серија А со 26 бодови, исто како и Рома, и со седум помалку од Јувентус, додека Интер се наоѓа на деветтата позиција со 18 освоени бодови.