21.11.2016 Кејн: Ќе останам уште долго во Тотенхем
Хари Кејн, фудбалерот на Тотенхем, изјави дека не се сомнева дека ќе го продолжи договорот со тој клуб.
Кејн има договор со Тотенхем до 2020 година и заработува 50.000 фунти седмично, а управата на клубот почнала преговори со 23-годишниот напаѓач бидејќи сака да му ја зголеми платата и да го задржи на „Вајт харт лејн“.
И покрај тоа што отсуствуваше седум седмици поради повреда, Кејн постигна пет гола оваа сезона, од кои два во пресвртот и победата од 3-2 против Вест хем во саботата.
„Среќен сум во клубот и сакам да останам уште долго, долго. Разговараме и сигурен сум дека ќе се договориме. Не паничам и не барам ништо од она што е објавено во весниците. Преговорите се во тек и не се сомневам дека ќе постигнеме договор“, изјави Кејн, пренесе Би-би-си.
Кејн во сезоната 2014/15 постигна 21 гол во Премиер лигата, а минатата сезона беше најдобар стрелец на Лигата со 25 постигнати погодоци.
По натпреварот со Вест хем, Маурисио Покетино, тренерот на Тотенхем, изјави дека Кејн е еден од најдобрите напаѓачи на светот.