Корисничко име Лозинка Пријави се
24.11.2016

Џерард објави крај на играчката кариера

Стивен Џерард, еден од најдобрите играчи за врска на Англија во овој век, одлучи да се пензионира.

Легендарниот капитен на Ливерпул, кој претходната сезона настапуваше за Лос Анџелес галакси, успешната кариера ја заврши на 37 години, пренесува АФП.
Иако се шпекулираше дека ќе се врати на Островот и тука ќе заврши со фудбалот, одлучи дека е крај и сега ќе ѝ се посвети на кариерата како менаџер.
„Објавувам дека се повлекувам од професионалниот фудбал. Имав неверојатна кариера и благодарен сум за секој момент“, изјави Џерард.
Негов последен потег беше голот од единаесет метри кој го даде во серијата пенали во полуфиналето на Западот во МЛС-лигата, а го совлада поранешниот ривал од „Мерсисајд“, Тим Хауард, некогашниот голман на Евертон.
Стиви Џи 17 сезони ги помина во Ливерпул, кого 12 години го предводеше како капитен, а на 710 натпревари постигна 186 голови.
„Како тинејџер го остварив детскиот сон да го облечам познатиот дрес на Ливерпул. Кога дебитирав против Блекбурн во ноември 1998 година, не сум ни замислувам што сè ќе постигнам во наредните 18. Среќен сум што почувствував толку неверојатни моменти во кариерата – горд сум на повеќе од 700 натпревари за Ливерпул“, додаде поранешниот фудбалер на „црвените“.
Со Ливерпул беше шампион на Европа во 2005 година, освои уште осум трофеи, но меѓу нив не е Премиер лигата. За репрезентацијата настапи 114 пати и постигна 21 гол.
„Горд сум што имав улога во помагањето на Ливерпул да ја врати славата на ‘Енфилд роуд’, како онаа ноќ во Истанбул. Сакам да им се заблагодарам на сите во Ливерпул, горд сум што играв и бев капитен толку години. Посебна благодарност упатувам до Стив Хајвеј, Дејв Шанон и Хју Меколи, коишто веруваа во мене кога почнував“, изјави Џерард.
Претходните две сезони настапуваше за Лос Анџелес галакси, за кого на 38 натпревари постигна пет гола, а ниту во САД не стигна до шампионската титула.
Навивачите на Ливерпул се надеваат дека би можело да се врати во саканиот клуб, кој моментно е меѓу кандидатите за титулата во Премиер лигата. Неодамна менаџерот Јирген Клоп изјави дека тој е секогаш добредојден во Ливерпул.
„Им благодарам на неверојатните навивачи на Ливерпул, на Англија и на Лос Анџелес галакси за исклучителната поддршка. Вашата лојалност и поддршка ми значеа сè на светот. Возбуден сум поради она што го носи иднината и чувствувам дека сè уште можам уште многу му понудам на фудбалот, во кој било вид да биде тоа. Ќе земам малку време за да ги разгледам опциите и наскоро со соопштение ќе објавам што е следниот чекор“, изјави Џерард.

Најнови вести