Корисничко име Лозинка Пријави се
01.12.2016

Арсенал испадна, Јунајтед проработи, заигра Швајни

Фудбалерите на Арсенал се елиминирани во четврт-финалето на Лига купот, додека за пласман во полуфиналето на натпреварувањето се избори Манчестер јунајтед.

Саутхемптон го искористи експериментирањето на Арсен Венгер и со 2-0 славеше на „Емирати“, каде што во стартната постава на домаќинот играа десетмина нови играчи во однос на минатиот викенд и натпреварот со Борнмут.
Од друга страна, Јунајтед конечно проработи во нападот на „Олд Трафорд“ и го совлада Вест хем со 4-1, три дена по ремито со „чеканите“ во Премиер лигата на тој терен (1-1).
Саутхемптон натпреварот во северниот дел на Лондон го одлучи уште во првото полувреме, со погодоците на Јорди Класи и Рајан Бертранд.
Јунајтед го реши тимот на Славен Билиќ на средината на второто полувреме со двата гола на Антони Мартијал, а навивачите на „црвените ѓаволи“ може да се радуваат што двократен асистент беше Хенрих Мхитарјан.
Домаќинот поведе уште во втората минута со погодокот на Златан Ибрахимовиќ, токму по додавањето на Ерменецот, а Швеѓанецот стави и точка со другиот гол во 93-тата минута.
Вест хем во меѓувреме изедначи на десет минути пред полувремето, по грешката на Давид де Хеа и со погодокот на Ешли Флечер по одбивањето.
Натпреварот го обележа и првиот настап на отпишаниот Бастијан Швајнштајгер оваа сезона, доби шанса во дресот на Јунајтед во последните пет минути од натпреварот.
Во вторникот пласман во полуфиналето на Лига купот изборија Ливерпул и Хал, а во борбата за трофејот би можело да го гледаме најголемото англиско дерби, бидејќи со ждрепката е одлучено во полуфиналето Јунајтед да игра против Хал, а Ливерпул со Саутхемптон.
Натпреварите на програмата се во јануари.

Најнови вести