Корисничко име Лозинка Пријави се
03.12.2016

Пиоли по дебаклот: Интер сè уште не е хомоген тим

Стефано Пиоли, тренерот на Интер, беше нерасположен по убедливиот пораз на својот тим од Наполи (3-0) на натпреварот од 15-тото коло на првенството на Италија.

Гостите од Милано само по пет минути веќе имаа два гола минус и моментно зад лидерот Јувентус, со натпревар повеќе, заостануваат дури со 12 бода.
„Ова е чекор назад во однос на последниот натпревар. Рано примивме два гола на стадионот ’Сан Паоло’ и тешко беше да се вратиме во игра. Имавме шанси да постигнеме гол, но не ги реализиравме“, изјави Пиоли.
Тој изјави дека дефанзивната линија е голем проблем на „нераѕурите“.
„Мораме повеќе внимание да посветуваме на одбраната, но ќе биде потребно време. Наполи има одлични играчи, многу добро ја контролираа топката. Мислам дека кај првиот гол на Калјехон можеби беше во офсајд, но моравме подобро да го покриеме Зиелински“, додаде тренерот на Интер.
Стратегот на тимот од Милано е свесен колку работа го очекува.
„Работиме на сите аспекти на нашите играчи: тактички, физички и психолошки. Денес имавме погрешен став кон играта. Не бевме во состојба да го спроведеме во дело она што го работевме на тренинзите. Покажавме дека сè уште не сме хомогена екипа“, изјави по натпреварот Пиоли.

Најнови вести