Корисничко име Лозинка Пријави се
03.12.2016

Ел Класико – Реал ја заверува титулата?

Иако е само третина од сезоната во Ла Лига, денешниот дуел (16.15 часот) меѓу Барселона и Реал Мадрид би можело да биде клучен во борбата за титулата.

Мадриѓаните имаа само шест бода повеќе од нивниот најголем ривал, па со евентуална победа на „Камп ноу“, седма по ред во низа, ќе направат огромен чекор кон тронот.
Само еден тим ја освои титулата во Шпанија откако имаше заостанување од девет бодови, токму Барселона под водство на Луис ван Хал во сезоната 1998/99. Реал Мајорка ја имаше таа предност во декември, но Каталонците добија 19 од последните 24 натпревари и завршија со +11 во однос на Реал.
Мајорка во однос на сегашниот Реал беше лимитиран тим кој серијата добри резултати ја градеше на одличен старт. Причина повеќе за ваквите шпекулации е и победата на Реал во последното Ел Класико, баш во Каталонија на втори април со 2-1, со погодокот на Кристијано Роналдо за пресврт во 85-тата минута со играч помалку.
„Барселона е бранител на титулата и тим кој секогаш добро игра на големите натпревари. Ние сме во добар момент, но ова е само мал дел од сезоната, без оглед на резултатот, борбата ќе биде неизвесна“, изјави Зинедин Зидан, тренерот на Реал Мадрид.
Барселона е во мала криза во првенството, два пати ремизираше пред Ел Класико.
„Без оглед на резултатот, мислам дека овој натпревар нема да биде клучен. Тој е 14-ти во сезоната, Реал би стекнал интересна предност доколку победи, но тоа нема да го одлучи првенството“, изјави Луис Енрике, тренерот на Барселона.
Двата тима имаат проблеми со повреди, но многу посериозна е ситуацијата во Реал. Пред сè, Зидан не може да смета на Герет Бејл, а неизвесни се уште Алваро Мората, Тони Крос и Фабио Куентрао. Од друга страна, Енрике го загрижува одбраната, ги нема Жорди Алба и Жереми Матје.
Што се однесува до статистиката, Реал е поефикасен тим од Барселона (36-33), а има и подобра одбрана (11-14) оваа сезона во првенството.

Најнови вести