05.12.2016 Роналдо и Мурињо обвинети за затајување данок
Кристијано Роналдо, фудбалерот на Реал Мадрид, и Жозе Мурињо, тренерот на Манчестер јунајтед, затаиле данок на заработка од милиони долари со префрлање на парите во странство, се наведува во документите коишто се појавија во јавноста, пренесе Би-би-си.
Како што се наведува, Роналдо и Мурињо наводно префрлале големи суми пари на Девствените Острови. Наводите се засновани врз два терабајти информации коишто ги вклучуваат и оригиналните договори.
Роналдо и Мурињо ги негираа овие наводи.
„Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо се во целосна согласност со даночните обврски на шпанските и на британските власти. Секоја инсинуација или обвинение за даночни прекршоци ќе биде пријавено на правосудните органи и ќе биде проследено“, се наведува во соопштението на агенцијата која ги претставува португалскиот фудбалер и стратегот.
Наводите ги објави меѓународниот конзорциум на новинарите, којшто добил 18 милиони документи. Исто така, во документите се спомнуваат и неколкумина врвни фудбалери.
Конзорциумот Европска истражувачка соработка (ЕЛЦ) ги вклучува: германскиот весник „Шпигл“, шпанскиот „Ел Мундо“, холандскиот „НРЦ“, британскиот „Сандеј тајмс“ и други.
Тој конзорциум соопшти дека во наредните неколку седмици има намера да објави серија статии.
ЕЛЦ наведе дека Роналдо на Девствените Острови во 2014 година префрлил 63,5 милиони евра, а дека Мурињо меѓу 2010 и 2013 година, додека работеше во Реал, префрлил 12 милиони евра на сметка на швајцарска банка чиј сопственик е една компанија од Девствените Острови.
Реал Мадрид не сакал да одговори на прашањата за наводите за неговиот најдобар фудбалер, додека Манчестер јунајтед соопшти дека тоа се наводи поврзани пред доаѓањето на Мурињо во клубот, па поради тоа нема да ги коментира.