Корисничко име Лозинка Пријави се
06.12.2016

Габигол играше само 16 минути, сака да го напушти Интер

Младиот бразилски напаѓач Габриел Барбоса изјави дека е незадоволен од улогата и од минутажата во Интер, поради што сака да го напушти клубот во јануари.

Барбоса, популарниот Габигол, летоска стигна во Милано како големо засилување од Сантос за 32 милиони евра, но одигра само еден натпревар, поточно само 16 минути.
„Габриел не е среќен во овој момент, не поради соблекувалната и соиграчите, туку поради тоа што не добива шанси на теренот. Сакаме чиста ситуација во јануари. Франк де Бур и Стефано Пиоли немаа проблем со Барбоса, но не му е јасно зошто тренерот не го пушти да игра кога Наполи имаше предност од три гола“, изјави неговиот агент Вагнер Рибеиро за „Радио Бандеирантес“.
Барбоса нема да мора да се грижи за нова средина, го бараат неколку италијански тимови, покрај заинтересираноста на матичниот Сантос.
„Секогаш постои можност да се врати во Бразил, но тоа би била тешка одлука бидејќи би бил чекор наназад и своевиден пораз. Тука е и опцијата околу странците во Интер, ако Габриел оди на заем, ќе ослободи место за друг. Ние тоа не сакаме да го отфрлиме“, додаде познатиот менаџер.
На Барбоса му предвидуваа голема иднина додека го носеше дресот на Сантос, Интер летоска беше најбрз во конкуренција на Барселона, Јувентус и Милан, но на „Џузепе Меаца“ не го искажа потенцијалот во конкуренција на капитенот Мауро Икарди, Стеван Јоветиќ, Ердер, Родриго Паласио...

 

Најнови вести