12.12.2016 Зидан постави нов рекорд за Реал
Реал Мадрид под водство на Зинедин Зидан постави нов клупски рекорд според бројот на последователни натпревари без пораз – 35.
Мадриѓаните до новиот рекорд дојдоа со победата од 3-2 над Ла Коруња, со погодокот на Серхио Рамос во продолжението.
Реал на Зидан го надмина тимот кој го водеше Лео Бенхакер, кој имаше низа од 34 натпревари без пораз од октомври 1988 до април 1989 година.
„Јас сум среќник, да сум. Среќен сум што сум со овој тим. Среќен сум што сум тренер на Реал Мадрид. Моите играчи имаат неверојатна доверба во себе. Знаеме дека заедно можеме да направиме неверојатни работи. Има одредени очекувања од нас, тоа доаѓа со дресот којшто го носиме. Играчите ја даваат својата душа за овој тим“, изјави Зидан.
„Кралевите“ новата низа ја почнаа во април со победата од 4-0 над Еибар, три дена по поразот од Волфсбург со 2-0 во Лигата на шампионите.
Реал во меѓувреме доби 26 натпревари и имаше девет ремија, а најмногу придонесе Кристијано Роналдо со 21 постигнат гол. Зидан го водеше Реал на 51 натпревар, оствари 38 победи и само два порази.
Мадриѓаните сега ги бркаат шпанскиот и европскиот рекорд. Најдолгата серија без пораз во земјата ја држи Барселона, која под водство на Луис Енрике во сезоната 2015/16 направи низа од 39 натпревари без пораз.
Најдобар резултат во Европа има италијанскиот Јувентус, кој меѓу 2011 и 2012 година врза 43 натпревари под водство на двајца тренери, Луиџи Делнери и Антонио Конте.
Реал претстојната седмица како актуелен шампион на Европа ќе игра на Светското клупско првенство на ФИФА, ќе настапи во полуфиналето, а ривал на 15-ти декември ќе му биде мексиканскиот Клуб Америка во Јокохама.