Корисничко име Лозинка Пријави се
14.12.2016

Гвардиола: Морам да победувам или доаѓа замена...

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека не ја исклучува можноста да биде разрешен од должноста доколку екипата продолжи да бележи лоши резултати.

Трофејниот шпански тренер летоска од Баерн од Минхен дојде на „Етихад“, а неговиот тим по двата последователни порази, се наоѓа на четвртото место на табелата со шест бодови помалку од водечкиот Челзи.
„Фудбалот не е долгорочен проект. Мораш да победуваш веднаш, а ако не се случи тоа, имаш проблем“, изјави Гвардиола.
„Организацијата на фудбалскиот клуб бара многу време, но тренерот мора да победува, инаку ќе му најдат замена“, додаде менаџерот на Сити.
„Граѓаните“ вечерашниот дуел од 16-тото коло на Премиер лигата против Ватфорд го дочекуваат по поразите од Челзи (1-3) и од Лестер (4-2).
„Никогаш не сум добил отказ и прв пат сум соочен со тоа толку долго да нема победа. Следната сезона ситуацијата ќе биде подобра, за две години исто така, но пред да дојдам во Сити, знаев дека морам веднаш да победувам. Чувствувам дека раководството на клубот ми верува, меѓутоа, реалноста е дека нам ни е неопходен триумф. Положбата на клубот зависи од резултатите“, додаде шпанскиот тренер.
Гвардиола изјави дека не бега од одговорноста и засега е мирен без оглед на ситуацијата во која се наоѓа неговата екипа.
„Ситуацијата е непријатна, но секаде во светот, кога компанијата не работи добро, морате да барате решение“, изјави Гвардиола.
Вечерва на програмата се играат осум натпревари од 16-тото коло на Премиер лигата.

Најнови вести