Корисничко име Лозинка Пријави се
14.12.2016

Кашима во финалето, судијата Касаи во историјата

Јапонската Кашима се пласира во финалето на Светското клупско првенство, откако во полуфиналето го победи колумбискиот Атлетико Насионал со 3-0.

Кашима во борбата за титулата ќе игра против подобриот од другото полуфинале, во кое ќе се сретнат Реал Мадрид и мексиканскиот Клуб Америка.
Натпреварот во јапонскиот град Суита го обележа моментот кога судијата ја запре играта и ја погледна снимката со спорната ситуација во казнениот простор на Атлетико Насионал. Унгарскиот судија Виктор Касаи со тоа влезе во историјата како прв арбитер кој го направил тоа.
Гаку Шибасаки, фудбалерот на Кашима, во 31-вата минута изведе слободен удар, а неговиот соиграч Даиго Ниши во шеснаесетникот го турна Орландо Берио. Касаи потоа ја запре играта, отиде покрај теренот и ја прегледа снимката и потоа досуди пенал за јапонскиот тим.
Сигурен изведувач на пеналот беше Шома Дои, па со тоа Кашима поведе, иако шампионот од Јужна Америка доминираше во првото полувреме.
Во второто полувреме немаше голови сè до самиот финиш, кога Јасуши Ендо во 83-тата минута и Јума Сузуки две минути подоцна ја потврдија победата на Кашима и пласманот во финалето на Светското клупско првенство.
Во натпреварот за петтото место, Јеонбук, шампионот на Азија, убедливо го совлада најдобриот тим на Африка, Мамелоди сандаунс со 4-1 (3-0).

 

Најнови вести