15.12.2016 Вечер на фаворитите во Премиер лигата
Фудбалерите на Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем остварија победи во натпреварите од 16-тото коло на Премиер лигата.
Најинтересно, секако, беше на „Селхурст парк“, каде што екипата на Жозе Мурињо ја продолжи серијата од добри резултати со голот на Златан Ибрахимовиќ на две минути пред крајот на натпреварот.
Претходно, Пол Погба во продолжението на првиот дел им донесе предност на гостите по гужвата во казнениот простор, а впечатокот е дека Французинот можеби беше и во недозволена позиција.
Но, судијата во продолжението многу повеќе го оштети Јунајтед. Меркартур изедначи во 66-тата минута по феноменалното додавање на Дилејни со пета, а потоа судијата пропушти да досуди чист пенал на гостите во 70-тата минута, а само неколку минути подоцна поништи чист гол на Хуан Мата.
Правдата беше задоволена во 88-мата минута, кога Златан Ибрахимовиќ одлично реагираше на додавањето на Погба.
Јунајтед на шестото место сега има 27 бодови, три помалку од Тотенхем, кој го совлада Хал со сигурни 3-0. Одличната форма ја потврди Кристијан Ериксен, кој два пати погоди, а во стрелците се запиша и Ванјама.
Лидерот на табелата, Челзи не се откажува иако се мачеше во Сандерленд. Единствениот гол во 40-тата минута го постигна Фабрегас за тимот на Антонио Конте, кој има 40 бодови на првото место.
Втор е Ливерпул, кој со 3-0 ги поправи двата врзани кикса од претходно. Лалана постигна два гола, а погоди и Ориги за тимот на Јирген Клоп, кој има 34 бода.
Фаворитите на вечерта ги комплетира Манчестер сити со победата против Ватфорд со резултат 2-0. Забалета погоди во првиот, а Силва во вториот дел. Александар Коларов одигра цел натпревар.