21.12.2016 Рајола: Ибра ги одби Кинезите, ќе потпише нов договор
Многумина се сомневаа во можностите на Златан Ибрахимовиќ, но тој покажа дека може да игра на највисоко ниво во Премиер лигата.
Фантастичниот Златан Ибрахимовиќ продолжи да ги полни мрежите во Премиер лигата. Откако стигна во Манчестер јунајтед, постигна 16 голови на 25 натпревари, а добиваше и многу пофалби од страна на Жозе Мурињо, тренерот на „црвените ѓаволи“.
Иако доби многу критики, посебно на почетокот на сезоната, Мино Рајола изјави дека од самиот старт верувал во него и дека знаел дека ќе дојде неговото време кога ќе почне да ги тресе мрежите на противниците.
„Отсекогаш една од нашите цели е да покажеме што знаеме. Златан го уби секого кој се сомневаше во него“, изјави Рајола, а потоа додаде дека Ибра најверојатно ќе потпише нов договор со Манчестер јунајтед.
„Да, има шанси да се продолжи соработката на уште една година, и тоа големи. Тоа веќе го сместивме во договорот и тоа не е ништо ново за нас. Прашање на време е“, додаде Рајола.
Подоцна, во интервју за „Талкспорт“ тој потврди дека Ибрахимовиќ имал понуда од Кина, но дека не сакал да оди бидејќи сè уште имал желба да се натпреварува.
„Да се во прашање парите, вие сега немаше да го гледате во Манчестер јунајтед“, изјави Мино Рајола.
Манчестер јунајтед својот нареден натпревар го игра против Сандерленд на Боксинг деј, вистинска можност Ибрахимовиќ да продолжи со головите.